Фудбалската репрезентација на Македонија се подготвува за квалификациските натпревари против Белгија и против Казахстан. Играчот од средниот ред, Тихомир Костадинов вели дека Белгија е силна селекција, но дека можеме да се спротивставиме на домашен терен, со поддршка од публиката.
„Крај е на сезоната, но кога е репрезентацијата во прашање, замор не се чувствува. Се подготвуваме за дуелот со Белгија и верувам дека ќе бидеме максимално фокусирани за да одговориме на предизвикот. Илузорно е да зборуваме за квалитетите на Белгијците, тие играат во клубови од Топ 5 лигите, но ние треба да размислуваме за нашиот настап и се подготвуваме на таков начин. Да не се лажеме, никој не мисли дека сега Белгија е послаба селекција затоа што можеби нема толку звучни имиња“, изјави Тихо Костадинов.
Македонија ќе ја пречека Белгија на Националната арена „Тодор Проески“ на 6 јуни, а три дена подоцна се среќава и со Казахстан во Астана.