Костадинов: Подобри сме од последниот пат кога игравме против Австрија

Тихомир Костадинов своето деби за сениорскиот национален состав на Македонија го запиша токму во последниот дуел против Австрија. Нашиот играч за врска во Виена претрпе пораз од 2-1, меѓутоа вели дека од тој меч се забележува голем напредок меѓу Рисовите.

„Контролните натпревари беа добра увертира во пресрет на нашиот настап па Еврпското првенство. Особено големата победа над Казахстан ни даде дополнителна самодоверба, која секако ни е добредојдена. Подготовките ги одработивме на максимално ниво, атмосферата во тимот е одлична и се надеваме на добар старт на нашето учество“, вели Костадинов.

Иако трибините на Националната арена во Букурешт нема да бидат максимално исполнети, Костадинов очекува огромна поддршка од навивачите за кои најавува дека ќе приредат невидена фешта.

„Секој натпревар е тежок и јасно е дека кој било противник да ни беше прв, ќе беше голем предизвик бидејќи ова ни е прв настап на Европско првенство. Без разлика што Австрија успеа двапати да нè надигра, тие мечеви се минато. Кај нас има доста голем напредок и поголемо искуство во однос на тие порази, од нив ги извлековме поуките и подготвени сме за нова битка. Токму во поразот од 2-1 во Виена, дебитирав пред полн стадион, околу 50 илјади гледачи. Жал ми е што сега нема трибините да бидат максимално исполнети, но секако дека добредојдена ќе ни биде поддршката од нашите навивачи, кои без сомнение ќе бидат најгласни на целото натпреварување“, додадек Тихо.

Статусот на аутсајдери не го загрижува Костадинов бидејќи ќе се игра со помал притисок во однос на противниците. Македонија својот премиерен историски натпревар против Австрија ќе го одигра на 13 јуни во Букурешт.

- Оглас -

Најнови вести