Тихомир Костадинов оцени дека македонската фудбалска репрезентација треба да извлече поуки од денешниот пораз од Чешка и треба да работи на зголемување на самодовербата пред следниот циклус од Лигата на нациите, кој почнува во септември.
„Знаевме дека ќе биде физички тежок натпревар, бевме подготвени дека Чесите ќе играат со доста центаршутеви, физички се одлично спремни, но мислам дека добро одговоривме во тој дел. Првиот пенал, според мене, е дискутабилен, треба пак да го видам, како и да е, и тоа е дел од фудбалот. Штета што се направи наивен пенал во последна минута. Одиме понатаму. Игравме против многу силен противник кој е учесник на ЕП, тоа треба да ни даде мотив и самодоверба, мислам дека ни фали поголема самодоверба, треба да работиме на тој аспект. За тактиката, дисциплината и борбеноста немам забелешки за себе и за соиграчите. Треба да извлечеме поуки и да бидеме уште подобри во септември“, рече Костадинов.
Јани Атанасов исто така смета дека тимот треба да верува во себе, особено кога игра со посилни противници.
„Одигравме борбено, покажавме дека тактички сме зрели и дека може да се носиме со секого. Противникот доби два пенали какви што доби, изгубивме 1-2. Фудбалот е таков, кога ќе направиш грешки, макар и мали, противникот те казнува. Со вакви силни противници мора да имаме самодоверба и да им покажеме дека одиме на победа, верувам дека од септември ќе покажеме дека вредиме“, вели Атанасов.