Денешниот ден ракометарите го искористија за последна подготовка пред утрешниот натпревар против Швајцарија, кој е последен од групната фаза на Европското првенство и на кој избраниците на селекторот на Кирил Лазаров ќе се обидат да дојдат до првите бодови. Во првите два меча, Македонија загуби од фаворитите Франција со 39:29 и од домаќинот Германија со 34:25.
Ракометарите тренираа во една од помалите сали во „Макс Шмелинг арената“.
„Ни остана уште дуелот против Швајцарија, кој е последен од групната фаза. Имаме еден ден да се подготвиме за утрешниот натпревар и да ги заборавиме претходните два натпревари кои ги загубивме и да се фокусираме на Швајцарија затоа што се работи за сериозна репрезентација која го покажа тоа во дуелот со Франција, кога одигра нерешено. Ќе мора добро да ги анализираме и да се подготвиме за утрешниот натпревар“, смета Ненад Костески.
Швајцарците по убедливиот пораз од Германија на стартот, во дуелот со Франција покажаа дека не смеат да се потценат и одиграа нерешено 26:26.
„Швајцарците со ремито покажаа дека имаат квалитет и се сериозна репрезентација. Нивен мотор е Енди Шмит, кој доста придонесува во нивната игра. Но, нема да ги запоставиме и останатите, имаат доста играчи кои играат во Бундеслигата. Првиот меч со Германија беше слаб ден за нив, но против Франција покажаа сосема поинаква игра и дека се добра репрезентација“.
Еден од клучните сегменти во играта кој ракометарите ќе мора да го поправат за дуелот со Швајцарија се техничките грешки бидејќи Македонија е лидер во оваа статистичка категорија по две кола дури со 46 загубени топки.
„Можам да кажам дека ние дадовме 100 отсто, но тоа не беше доволно за позитивен резултат. Јас сум сигурен дека сите момци го дадоа својот максимум на двата натпревари. Се случи тоа што се случи, бевме поразени со голема разлика, но видовме до каде сме, дека треба уште многу да се работи и да се напредува за да стигнеме до посакуваниот резултат. Мислам дека малку и психичкиот дел и заморот си ја напавија работата. Имаме голем број технички грешки и на тоа мора да работиме да го подобриме и мислам дека ако немавме толку грешки, резултатот ќе беше поинаков“, смета Костески.