Коцкестите посакуваат реванш во чест на болниот Ќиро против неговата сакана Словенија

Хрватската фудбалска селекција вечерва на стадионот „Пољуд“ во Сплит ќе го пречека националниот состав на Словенија, од кој Коцкестите го претрпеа единствениот пораз засега во овие квалификации.

Поради тоа избраниците на Златко Далиќ посакуваат реванширање за разочарувачкиот резултат од 1-0 во Љубљана, а дополнителен мотив за победа ќе биде фактот што ќе се игра во чест на хрватската легенда Ќиро Блажевиќ, кој пред неколку дена откри дека повторно е болен, односно му се повратил ракот на простата иако претходно му беше изврешно негово отстранување.

Блажевиќ негува посебна љубов кон Словенците, па кога ја откри тажната вест, ја искористи приликата да се прости од нив во случај да не се види за последен пат со пријателите од таа земја.

„Мили мои Словенци, нашата љубов нема граници. Вие ме сакате мене, а јас вас, но морам да ви кажам тажна вест. Јас сум многу, многу болен покрај тоа што сум стар и имам 86 години. Ако наскоро не дојдам да се видиме, а веројатно нема, би сакал да ја искористам оваа прилика да ја искажам мојата љубов кон вас. Можете да бидете горди што сте Словенци, достигнавте цивилизациско ниво за кое ние Хрватите тежнееме. Жал ми е што ова морам да го кажам, но песимистичен сум околу целата ситуација. Збогум“, истакна легендарниот Блажевиќ.

Тој се потсети на ривалството на овие две соседни селекции и неколку незаборавни моменти, а треба да се напомене дека Блажевиќ своевремено како тренер ја предводеше и екипата на Мура во 2003 година, моменталниот словенечки шампион.

Натпреварот ќе се одигра со почеток во 20:45 часот.

- Оглас -

Најнови вести