По дебаклот од Ајнтрахт Франкфурт, управата на Баерн Минхен свика итен состанок на кој главна тема беше Нико Ковач. Хрватскиот стратег преживеа и ќе остане на клупата на Баварците, барем до следниот викенд.
Без разлика на тоа што последното големо разочарување Баерн си ги загрози шансите за шампионската титула, управата на клубот смета дека треба да му се даде шанса на Ковач да ги исправи грешките. За такво нешто Хрватот ќе има две прилики – против Олимпијакос во среда и против Борусија Дортмунд во сабота.
Сепак, евентуален негативен резултат во било кој од овие два дуели, ќе значи дефинитивен крај за Ковач. Против Олимпијакос Баварците ќе имаат шанса да го запечатат пласманот во нокаут фазата во ЛШ, бидејќи со победа би имале максимален учинок по четири кола, додека судбоносниот меч е големото германско дерби, „Дер Класикер“, во кое Баерн ќе мора да го совлада Дортмунд пред свои навивачи.