Најтрофејниот германски клуб Баерн Минхен вечерва ќе гостува во Лондон кај Тотенхем, во второто коло од Лигата на шампионите. Баварците имаат три бода по победата над Црвена ѕвезда, а Тотенхем освои само бод во првиот меч на гости кај Олимпијакос.
Тренерот на Баерн, Нико Ковач има голем респект кон тимот кој минатата сезона играше во финалето од ЛШ.
„Тотенхем е светлината на европскиот фудбал. До пред шест-седум години не можеше да се замисли дека ќе може да играат рамноправно со гигантите. Покетино направи одлична работа. Неговиот пример е вистински за тоа колку може да се исплати трпеливоста. Сигурно дека Тотенхем ќе нападне уште од првата минута. Играат атрактивен и иновативен фудбал. Го имаат Хари Кејн во нападот. Тој и Роберт Левандовски се двајцата најдобри напаѓачи во светот“, вели Ковач.
Пред два месеца, Тотенхем во Минхен се израдува на трофејот во Ауди купот, и тоа откако во финалето го победи германскиот гигант. Лондончани водеа со 2:0, Баерн израмни на 2:2, а на пенали Тотенхем победи со 6:5. Тоа е и единствениот меч меѓу овие два клуба досега.