Хрватскиот репрезентативен плејмејкер, Матео Ковачиќ, неодамна потпиша договор со Челзи, лондонските „сини“ го откупија од Реал Мадрид за 45 милиони евра, а сега тој одвај чека да заигра за тренерот Френк Лампард. Иако Лампард е неискусен како тренер, Ковачиќ верува дека може да му помогне во кариерата.
„Лампард беше одличен играч, а во минатата сезона покажа и дека е одличен тренер. Ме радува што од него ќе научам како да дадам гол. Можеби не сум ист тип на играч за врска како што беше тој, но се надевам дека ќе ја подобрам ефикасноста“ – вели Ковачиќ, кој цели две и пол години нема дадено гол.
Ковачиќ и во минатата сезона го носеше дресот на Челзи, но како позајмен од Реал.
„Мислам дека сезоната ни беше добра. Можеше да биде и подобра, но зедовме трофеј, во Лига Европа, тоа е важно, а и третото место во Англија не е лошо“ – додава Ковачиќ.