Стандардно строгите и дисциплинирани Германци омекнаа во услови на пандемијата со ковид-19 и без посебни услови и проверка на потребните финансиски и административни протоколи ги почестија сите Бундеслигаши со лиценци за натпреварување и во следната сезона.
Први на социјалните мрежи се пофалија Јарците од Келн, кои објавија дека воопшто не требало да се доставуваат документи за финансиска состојба и дисциплина, ниту им биле побарани вообичаените административни документи.
Ова значи дека сите клубови што ќе се изборат за настап и во европските купови ќе можат непречено да играат во Лигата на шампионите и во Лигата на Европа.
Бундеслигата беше прекината на почетокот на март поради корона-вирусот, а се планира продолжение на сезоната од 9 мај.
Моментно Баерн е лидер со 55 бода на девет кола пред крајот на првенството, а шанса за титулата имаат и Борусија Дортмунд со 51 бод, потоа и Лајпциг со 50, Борусија Менхенгладбах со 49 и Баер Леверкузен со 47 бода. За уште едно место што води во квалификациите за Лигата на Европа најсериозни кандидати се: Шалке 04, Волфсбург, Фрајбург, Хофенхајм и токму Келн.