Репрезентацијата на Тунис ќе биде драстично хендикепирана за клучниот меч во Ф групата против Гамбија што треба да се игра задутре на Африканскиот куп на Нации, а причината е Ковид-19.
Дури 7 репрезентативци на една од најсилните селекции во Африка имаат позитивен тест на корона-вирус и нема да играат против лидерот во Ф групата.
Меѓу нив е и капитенот Вахби Хазри, кој засега е и најдобар стрелец на Тунис со два гола, рангиран и како втор на листата со најдобри стрелци на турнирот.
Тунижаните објавија дека сите репрезентативци се веднаш изолирани, но и дека ќе им се направи нов тест за Ковид-19 непосредно пред дуелот со Гамбија, па останува можноста некој од нив и да игра, ако има негативен тест на корона-вирус.
Пред стартот на последното коло во фазата по групи на АФКОН, Гамбија и Мали се на делба на првото место во Ф групата со по 4 бода, Тунис е трет со 3, а Мавританија веќе испадна со два порази.
Понатаму сигурно одат двете првопласирани селекции, а шанси има и третопласираната репрезентација, ако биде меѓу четирите најдобри во конкуренција на третопласираните тимови од сите шест групи.