Ковидот прави вистински хаос и во фудбалот, па правилата се прилагодуваат и понекогаш и се менуваат, а интересен е случајот со романското трио Разван Марин, Александру Чикалдау и Драгош Неделку.
Тие вчера не тренираа на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, но денеска ќе можат да играат против Македонија во квалификацискиот меч од шесттото коло за пласман на Мундијалот во Катар.
Тројцата репрезентативци на Романија биле во контакт со Јанис Хаџи, кој има позитивен тест и нема да игра вечерва, па беа изолирани и не се појавија на официјалниот тренинг на гостите.
Но, сепак ќе можат да настапат денеска, бидејќи имаат негативни тестови, што беше и објавено пред тренингот од страна на Романците, но поради превентивни причини не тренираа.
Мирел Радои може да здивне, откако имаше големи проблеми со повреди и со фудбалери што се позитивни на корона-вирус. Од тие причини против нас нема да играат Алибек, Танасе, Хаџи и Ротариу.
Од овој квартет во Букурешт на првиот меч во Ј групата меѓу Романија и Македонија играа Танасе и Хаџи. Токму Танасе беше стрелец на првиот гол во победата од 3:2 на домаќините, а Хаџи го замени во 76. минута и само 10 минути подоцна го даде победничкиот гол.
Ова е клучен меч за двете репрезентации во битката за пласман на Мундијалот во Катар и поразената селекција ќе има мали шанси за настап идната година.
Романија е на третото место со 9 бода, зад лидерот Германија со 12 и Ерменија со 10, а Македонија е на четвртата позиција со 8 бода. Исланд со 4 и Лихтенштајн без бодови се без реални шанси во битката за првите две позиции што можат да донесат настап на Светското првенство.