7.8 C
Skopje
понеделник, 9 февруари 2026

Крадела пари од тимските колеги, пред неколку месеци заврши на суд, а сега стана олимписка шампионка

Француската биатлонка Јулија Симон вчера се профилира во хероина на својот тим бидејќи донесе златен медал на Олимписките игри во Милано и Кортина. Симон беше четврта замена во мешаната штафета четирипати по 6 километри и ѝ донесе златен медал на Франција. Токму Јулија ја направи клучната предност, за најголем успех во кариерата.

Интересно е дека Симон не толку одамна беше ставена на столбот на срамот поради тоа што го направи. Само пред неколку месеци таа беше обвинета за кражба и измама, а оштетени беа членови на нејзиниот тим.

Симон била пријавена од тимската колешка Жастин Браис-Буже поради користење на нејзината кредитна картичка, од која Симон потрошила повеќе илјади евра. Пријавата била поднесена уште во 2022 година, но Симон на суд се појавила дури пред неколку месеци.

На крајот Симон ја признала вината пред судот.

„Не можам да објаснам. Не се сеќавам дека тоа сум го направила, не разбирам. Не сум имала никакви финансиски мотиви за да го направам тоа“, прво негирала Симон, за потоа да признае и да се согласи да оди на терапија.

Освен тимската колешка, Симон крадела и уште од неколку други луѓе од тимот, меѓу кои бил и физиотерапевтот на француската биатлон репрезентација. Симон добила тримесечка условна казна затвор и парична казна во износ од малку повеќе од 15.000 евра.

Освен тоа, Француската скијачка федерација ја суспендирала Симон на шест месеци. Сепак, пет месеци биле условни, а откако не била донесена дополнителна казна за натпреварувачката, на Симон ѝ било дозволено дури и да биде дел од Олимписките игри.

Токму на ЗОИ, Симон блесна и е најзаслужна за златниот медал на француската репрезентација. Тимските колеги и членовите од биатлон репрезентацијата изјавиле дека ѝ простиле на Симон за измамите кои ги правела во минатото.

 

 

- Оглас -

Најнови вести