Крај на 44-годишната суша: Барти без загубен сет триумфираше на Австралија опен

Најдобрата тенисерка во светот во моментов, Ешли Барти е победничка на женскиот дел од Гренд слем турнирот Австралија Опен. Барти која беше и миленичка на домашната публика, со 2:0 во сетови ја победи најпријатното изненадување на турнирот, Даниеле Роуз Колинс од САД, во меч кој траеше 89 минути.

Со оваа победа Барти стана првата Австралијанка која го освоила турнирот во женска конкуренција по пауза од дури 44 години. Таа е само четвртата тенисерка во 21 век што успеала да стигне до трфејот во Мелбурн без да загуби ниту еден сет повторувајќи го успехот на Серена Вилијамс од 2017, Марија Шарапова 2008 и Линдзи Девенпорт во 2000 година.

Во првиот сет, Барти успеа да направи еден брејк на сервис на противничката и тоа беше доволно за да го добие сетот со 6:3. Вториот сет беше многу понеизвесен. Колинс заигра многу подобро, поведе со 3:0, а потоа и со 5:1, успевајќи да освои два гејма на сервис на Барти.

Се чинеше дека мечот ќе се решава во трет сет, но Барти направи чудесен кам-бек. Од 1:5, Австралијанката стигна до 5:5, а потоа сетот отиде во тај-брејк. во една таква ситуација, Колинс веќе беше „скршена“, па Барти лесно со 7:2 го доби тај-брејкот, а со тоа и стигна до првата титула на Австралија опен.

https://twitter.com/i/status/1487371702627672076

Ова е трет освоен Гренд слем за Барти, по победите на Вимблдон минатата година и на Ролан Гарос во 2019 година. Сега за Ешли останува уште трофејот на САД Опен за да ги комплетира четирите најголеми турнири во свет.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести