Германија дефинитивно ја загуби силата која ги красеше од пред неколку години, кога и станаа светски прваци на Мундијалот во Бразил. Панцерите вчера беа немоќни во дуелот против Англија и заслужено се елиминирани уште во осминафиналната фаза. Ова и не е некое изненадување, посебно ако се знае дека во групната фаза, само неколку минути ја делеа Германија од елиминација, но, за нивна среќа, дадоа гол за 2:2 против Унгарија и се спасија од срам.
Селекторот Јоаким Лев, кој речиси една и пол деценија беше на кормилото на националниот тим, вчера рече збогум од таа позиција и му го препушта местото на Ханс Дитер Флик. Неодамнешниот тренер на Баерн сигурно ќе направи промена во составот, а според „Билд“, неколку стандардни репрезентативци кои во изминативе неколку години беа „главни алки“ во составот, ќе си заминат.
Прв за заминување е Тони Крос. Искусниот играч на Реал Мадрид има 106 настапи за националниот тим, а дебитираше во 2010 година. Крос има 31 година и реално има уште шанси да игра за Панцерите, но новиот селектор Флик сигурно ќе сака да ги стави „неговите момци“ од Баерн, Горецка и Кимих, како главни во средниот ред.
Збогум од репрезентацијата може да се очекува и од Томас Милер, фудбалерот кој против Англија промаши стоотстотна шанса за 1:1 пред крајот на средбата. Милер, исто како и Крос, има 106 настапи за Германија, а постигнал 39 гола. И Милер има 31 година и реално е со шанси да игра барем на уште еден Мундијал, но сепак шанса ќе им се даде на помладите.
Во одбраната место сигурно ќе нема за 32-годишниот Матс Хумелс, а многумина очекуваат ова да биде и последно големо натпреварување за голманот и капитенот Мануел Нојер, кој има 35 години и треба да му го препушти местото на Марк-Андре тер Штеген.
По завршувањето на ЕП, главниот фокус на Германија ќе бидат квалификациите за пласман на СП 2022 година во Катар. Германија е во група со Македонија, а токму нашата репрезентација победи во Дуисбург со 2:1 против Панцерите, па затоа изгледот на табелата во квалификациите за Мундијалот моментно е: Ерменија 9 бода, Македонија 6, Германија 6, Романија 3, Исланд 3, Лихтенштајн без бодови.