Шпанската фудбалска ѕвезда Серхио Рамос објави дека ја завршува репрезентативната кариера, но не по негова желба, туку откако во разговор со новиот селектор Луис де ла Фуенте, му било кажано дека не смета на него.
„Денеска добив телефонски повик од селекторот и ми кажа дека не ме планира во националниот тим, без разлика во каква форма сум. Дојде време да ѝ кажам збогум на репрезентацијата и на мојот сакан и драг црвен дрес. Со големо жалење кажувам дека ова е крај на моето патување за кое се надевав дека ќе биде подолго, по сите успеси кои ги имав со репрезентацијата. Длабоко верувам дека требаше да завршам кога јас ќе одлучев или кога моите игри немаше да бидат доволно добри за да бидам репрезентативец, а не поради мојата возраст или други причини. Млад не значи и добар, со воодушевување ги гледам Модриќ, Меси, Пепе… Фудбалот не е секогаш фер и не е секогаш само фудбал. Ќе продолжам од дома да навивам за тимот, привилегиран сум што гордо го носев дресот 180 пати. Им благодарам на сите кои веруваа во мене“, порача човекот рекордер по број на настапи за Шпанија.
Последниот меч за Шпанија му беше во март 2021 против Косово, и тоа во Севилја, градот во којшто ја почна професионалната кариера. На 180-те меча даде 23 гола.