На возраст од 39 години, во 2017 година некогашниот шпански репрезентативец Жоан Капдевилја имаше два настапи за Санта Колома од Андораи, тоа му беа последни официјални мечеви во кариерата, по што една година работеше во својот сакан Еспањол. Но, тој вчера реши да одигра уште еден меч, поточно неколку минути во дресот на тимот Тарега од неговото родно место.
Капдевилја во Тарега во 2010 година беше пречекан како херој, откако со националниот тим на Шпанија стана светски првак на Мундијалот во Јужна Африка, па сега сакаше на друг начин да му се оддолжи на градот. Екипата на Тарега игра во првата каталонска лига (Примера Каталана), а вчера играа против Тераса, која е шпански третолигаш.
Имаше публика на трибините, па тие го испратија со аплауз, а градоначалникот му врачи плакета.
Капдевилја кариерата ја почна во Тарега во 1996 година, потоа беше во Еспањол, Атлетико Мадрид, Депортиво Ла Коруња, Вилјареал, Бенфика, повторно Еспањол, за да финишира во Норт ист јунатед, Лирс и Санта Колома. Одигра над 500 официјални мечеви, а најголем успех му беше освојувањето на СП со Црвената фурија пред една деценија.