Европската фудбалска федерација (УЕФА) размислува за сериозна промена на формата на Лигата на шампионите, со цел таа да стане поинтересна. Името на елитното натпреварување би било Супер Шампионска лига и би почнала кон крајот на летото во 2024 година.
Повеќето од најголемите и богати клубови не се задоволни од сегашниот формат, се заканија дека ќе си направат своја Суперлига и ќе ја напуштат ЛШ. Секоја национална федерација ќе треба да направи компромис околу календарот на своите првенства, и Топ 5 лигите во Европа да не бидат со повеќе од 16 до 18 тима, додека во домашните купови овие клубови да не играат повеќе од 4-5 меча во сезоната. Постои голема веројатност некои двобои од Супер Шампионската лига да се играат за викенд.
Во моментов претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, преговара со претставници на пет клуба кои се членови на Европската клупска асоцијација (EКA), тоа се Реал Мадрид, Јувентус, Манчестер јунајтед, Фенербахче и Пари Сен Жермен.
Планот е проектот да стартува најдоцна во 2024 година, а ако има шанса и во 2023 или дури и 2022. Ова значи затворање на елитното натпреварување, а за клубовите од Македонија и останатите земји кои немаат висок рејтинг, ќе останат посиромашните натпреварувања како Конференциската лига која тргнува следната сезона.