Крај на скандалот кој го потресе фудбалот: Платини и Блатер се невини

Поранешниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер (88), и големиот француски и светски фудбалер, поранешниот претседател на УЕФА, Мишел Платини (69), се ослободени од обвинението за корупција, одлучи швајцарскиот суд во Мутенц, во близина на Базел. Речиси три години по првостепената ослободителна пресуда, Блатер и Платини повторно завршија на суд во жалбената постапка. И овојпат беа прогласени за невини.

Вонредниот апелационен совет на кривичниот суд во Мутенц прогласи дека двоецот не е виновен за измама во случајот со исплата на два милиони швајцарски франци на Платини во 2011 година.

„Многу сум среќен“, рече Платини. Тој додаде дека смета дека овој случај имал намера да го елиминира од трката за претседател на ФИФА. „Добив 10.000 пораки за поддршка, но сега сум премногу стар за повторно да играм фудбал“, рече тој.

Блатер и Платини првпат беа ослободени во 2022 година од понизок швајцарски суд, по седумгодишна истрага за исплата на два милиони швајцарски франци (2,1 милиони евра) на Платини. Швајцарското обвинителство поднесе жалба на пресудата, што доведе до ново рочиште пред Вонредниот апелационен совет на Кривичниот суд во Мутенц.

Тие беа обвинети за измама, „нелојално управување“, „повреда на доверба“ и „фалсификување документи“. Обвинителите тврдеа дека исплатата на Платини е „неоснована“ и дека Блатер и Платини „вешто ја доведоа во заблуда“ внатрешната контрола на ФИФА со лажни изјави.

Случајот го потресе светскиот фудбал и доведе до нивни суспензии. По нивното заминување, Џани Инфантино ја презеде ФИФА во февруари 2016 година, додека Александар Чеферин стана прв човек на УЕФА во септември истата година. На денешната пресуда сè уште може да се поднесе жалба до Федералниот суд на Швајцарија.

- Оглас -

Најнови вести