Краков почнува полека да се бои во црвено и жолто, Фалангата пристигнува од сите страни

Ракометната репрезентација на Македонија утревечер во Краков против Норвешка ќе го игра првиот натпревар на Светското првенство, а веќе во полскиот град почна да пристигнува Фалангата, која вообичаено ќе биде огромна поддршка за селекторот Кирил Лазаров и неговите избраници.

Меѓу првите што пристигнаа во Краков беше еден од најпознатите македонски навивачи, Горан Кипријановски, кој веќе со децении е дел од сите големи спортски натпреварувања на коишто игра македонска репрезентација или некој наш клупски колектив.

Денеска почнаа да пристигнуваат и останатите Македонци, како од земјава така и од западноевропските држави, кои ќе ги бодрат ракометарите во „Таурон aрената“, а во градот полека почнува да доминираат знамиња со црвена и жолта боја.

Утринава од Македонија тргнаа 10 автобуси со навивачи и нивното пристигнување во Краков се очекува да биде утре сабајле, а против Норвешка трибините во „Таурон арената“ околу 1.000 македонски фанови ќе ги „обојат“ во црвено и жолто, како и секогаш кога игра некоја македонска репрезентација на голем настан.

- Оглас -

Најнови вести