Кралот Чарлс им честиташе на фудбалерите: Честитки Англија, но мислете и на крвниот притисок на нацијата

Кралот Чарлс Трети ѝ честиташе на фудбалската репрезентација на Англија за пласманот во финалето на Европското првенство и побара од играчите да мислат на „пулсот и крвниот притисок на нацијата“ и да се обидат да победат без дополнителен стрес.

Англија синоќа се пласира во финалето на Европското првенство во Германија откако во полуфиналето ја победи Холандија со 2:1, со голот на Оли Воткинс во 90-тата минута.

„Ако можам да ве охрабрам да победите пред да се појави потреба за чудесни голови во последните минути или други драми со пенали, сигурен сум дека пулсот и крвниот притисок на нацијата во голема мера би биле поопуштени“, наведе кралот Чарлс Трети, пренесоа британските медиуми.

Принцот Вилијам му честиташе на фудбалерот Оли Воткинс за победничкиот погодок.

„Каков прекрасен гол, Оли. Честитки Англија, финалист на Европското првенство“, наведе принцот Вилијам на мрежата „X“.

Се очекува принцот Вилијам да присуствува на финалниот натпревар против Шпанија во недела од 21 часот во Берлин, како и новиот британски премиер Кир Стармер.

- Оглас -

Најнови вести