Јапонскиот фудбалер Казујоши Миура, највозрасниот професионален фудбалер во светот, потпиша договор за позајмица до јуни со третолигашот Фукушима јунајтед, соопшти клубот.
Миура во февруари ќе наполни 59 години, а овој трансфер значи дека би можело повторно да игра во Џеј-лигата, односно во една од трите највисоки јапонски лиги, првпат по пет години.
Поранешниот репрезентативец на Јапонија ја започна кариерата во 1986 година во бразилскиот Сантос, а минатата сезона настапуваше на позајмица во четвртолигашот Атлетико Сузука, каде што не постигна гол во вкупно 69 минути игра распределени на седум натпревари.
このたび、#三浦知良 選手が #横浜FC より期限付き移籍にて加入することが決定いたしました🤩👏🏻㊗️
— 福島ユナイテッドFC (@fufc_staff) December 30, 2025
三浦選手、ようこそ福島ユナイテッドFCへ!!⚽️❤️🔥
なお、1/10(⼟)以降に、チームへの合流を予定しています。#福島ユナイテッド
„Мојата страст кон фудбалот не се промени, без разлика на годините. Многу сум благодарен за оваа можност и ветувам дека ќе го дадам максимумот за да придонесам за тимот. Ајде заедно да создадеме историја“, изјави Миура, кој се подготвува за својата 41-ва сезона во професионалниот фудбал.
Миура, познат во Јапонија како „Кралот Казу“, ова ќе му биде четврта позајмица од 2022 година од Јокохама, член на Втората лига на Јапонија. За тој клуб потпиша во 2005 година, но од 2020 година нема забележано ниту еден настап.
За време на клупската кариера играше и во Италија, Хрватска и во Австралија.
Во дресот на репрезентацијата на Јапонија постигна 55 гола на 89 натпревари, а интернационалната кариера ја заврши во 2000 година.
Миура претходно изјави дека сака да игра до 60 години, а по испаѓањето во регионалните лиги минатата сезона порача дека е подготвен за нов предизвик.
Фукушима јунајтед минатата сезона заврши на десеттото место во конкуренција на 20 клубови во Третата лига на Јапонија.

