Барселона е освојувач на шпанскиот Супер куп, откако во финалето во Ријад, Саудиска Арабија, со 3:1 го победи вечниот ривал Реал Мадрид. Каталонскиот гигант доминираше на теренот и сосема заслужено на крајот стигна до нов пехар кој ќе заврши во витрините на „Камп Ноу“.
За Барселона ова е прв трофеј во Суперкупот по пауза од пет години, а Каталонците се најтрофејни во ова натпреварување и ова е нивни 14 успех. Барселона сега стигна до 98 пехари во сите натпреварувања, додека Реал Мадрид остана на 99 трофеи, па Кралевите јубилејниот 100-ти успех ќе мора да го бара во друго натпреварување.
Од самиот почеток Барселона започна офанзивно, а одбраната на Реал Мадрид одолеваше се до 33 минута кога одбраната на Кралскиот клуб згреши, а Левандовски асистираше за погодок на Гави.
Само 12 минути подоцна,Левандовски и Гави беа во обратна улога. Овојпат Гави асистираше, а полскиот голгетер лесно реализираше за 2:0.
Ниту во второто полувреме Реал Мадрид немаше сили да се спротистави на големиот ривал. Сите дилеми околу победникот беа решени кога во 69 минута Гави успеа да освои една топка на средината на теренот, Барселона тргна во контра напад, а Гави асистираше за погодок на Педри.
Буквално во последните секунди од мечот, односно во 93 минута Карим Бензема постигна почесен погодок за Реал Мадрид.