Реал Мадрид немаше посакуван старт во групната фаза од Лигата на шампионите, па шпанскиот првак има само еден бод по две средби, што е доволно за последното место на табелата. Иако е фенерџија, оваа ситуација може да се смени доколку Реал вечерва ги освои трите бода во дербито против Интер.
И Нераѕурите се во незавидна ситуација затоа што уште не се израдувале ниеднаш во групата, а веројатно тешко дека тоа ќе им успее на стадионот „Алфредо ди Стефано“, домот на Реал, додека „Сантијаго Бернабеу“ се реновира.
Според најавите од Шпанија, веќе се знае почетниот состав со кој ќе излезе Зинедин Зидан, а тоа ќе биде во формација 4-3-3. Најголем проблем е десната бековска позиција затоа што ги нема Карвахал, Одриозола и Начо, па Лукас Васкес ќе треба да игра на таа позиција.
Според формацијата, на голот е Куртоа, а потоа следуваат: Лукас Васкес, Варан, Рамос, Менди, Валверде, Каземиро, Крос, Асенсио, Бензема и Азар.
Реал Мадрид и Интер последен пат играа во Лигата на шампионите пред 22 години, кога во групната фаза Реал во Мадрид победи со 2:0, а потоа Интер во Милано славеше со 3:1.