Кралскиот клуб по 34-ти пат ја освои круната во фудбалска Шпанија

Шпанија има нов фудбалски првак. По пауза од три години, Реал Мадрид повторно е шампион во Примера дивисион. Кралскиот клуб го обезбеди тронот по денешната победа во Мадрид против Вилјареал со 2:1, па во последното коло Реал само славенички ќе продефилира на гостувањето кај Леганес.

Карим Бензема даде по еден гол во двете полувремиња, а Ибора во 84-тата минута успеа да постигне само почесен гол за гостите. Со овој триумф Реал стигна до 10 победи во 10 меча по продолжување на сезоната во ерата на корона-вирусот.

Најголемиот ривал на Реал, Барселона, на свој терен загуби со 1:2 од Осасуна, па сега разликата меѓу овие два клуба е седум бода на едно коло до крајот. Атлетико Мадрид и Севилја се сигурни во Лигата на шампионите за следната сезона, а последното коло треба да ги даде патниците за во Лигата на Европа, како и тоа дали Леганес или Селта Виго ќе испаднат.

Резултати од 37-мото коло:  Атлетик Билбао – Леганес 0:2, Барселона – Осасуна 1:2, Бетис – Алавес 1:2, Селта Виго – Леванте 3:3, Хетафе – Атлетико Мадрид 0:2, Мајорка – Гранада 1:3, Реал Мадрид – Вилјареал 2:1, Сосиедад – Севилја 0:0, Валенсија – Еспањол 1:0.

- Оглас -

Најнови вести