Анхел ди Марија имаше срце да ја ризикува и фудбалската кариера во 2014 година, но немаше среќа и повредата на четвртфиналниот дуел со Белгија го спречи да игра во мечот за титула против Германија на Светското првенство.
Аргентинецот претходно добил писмо од неговиот тогашен клуб Реал Мадрид со предупредување дека ако игра повреден во финалето, ќе мора да оди на суд.
„Го скинав писмото веднаш. Ми беше гајле дали потоа воопшто и ќе играм фудбал. Сонот ми беше да играм во финалето, а си велев потоа нека биде што сака. За жал, на мечот со Белгија се повредив и не го играв мечот за титулата. Разговарав со докторот на репрезентацијата, кој знаеше дека не сум 100 отсто подготвен. Потоа имав разговор и со селекторот Алехандро Сабелја и тој, за жал, одлучи Енцо Перес да игра место мене против Германија“, раскажува Ди Марија.
Реал Мадрид сакаше да го продаде играчот што беше прогласен за најдобар во финалето во Лигата на шампионите само два месеци претходно, кога Кралевите го победија Атлетико Мадрид во мечот за титулата.
„Знаев дека сакаат да ме продадат. Докторот на репрезентацијата на Аргентина, Даниел Мартине, ми предаде писмо и само ми кажа, ова е од Реал Мадрид. Знаев за што се работи, но без размислување, го скинав. Ми беше гајле за последиците. Најважно беше Аргентина да ја освои титулата и јас да играм во финалето на Мундијалот, но, за жал, и двете работи не се случија“, додава Ди Марија, кој сега игра за Пари Сен Жермен.
На 24 мај Анхел беше прогласен за најдобар играч во финалето на ЛШ, што Реал по продолженија го доби со 4:1 против Атлетико Мадрид. На 13 јули не играше во мечот за светската титула, а Германија исто така по продолженија ја победи Аргентина со 1:0.