Најактуелна спортска тема изминатите десеттина дена во Македонија е фудбалската репрезентација, која иако не успеа да дојде до втората позиција во групата, сепак ќе игра во баражот за пласман на Светското првенство 2026, и тоа преку Лигата на нациите.
Веројатно сите го гледавме дуелот против Велс во Кардиф, но кога сакаме да се потсетиме на некој постар натпревар од репрезентацијата, тогаш многумина од нас го посетуваат Youtube каналот „Македонска Фудбалска Репрезентација“. Токму креаторот и сопственик на оваа најбогата фудбалска видеоархива во Македонија, Гоце Михајлоски, е гостин во Хуманитарниот тикет.
Гоце не толку одамна започнува да ги собира, да ги преработува и да ги објавува видеата од фудбалската репрезентација на Македонија, а како што вели и самиот, сè започнало во оние карантински денови и пандемијата на ковид-19.
„Сè започна за време на изолацијата во екот на пандемијата, во 2020 година. Во тој период голем дел пријатели и познаници по социјалните мрежи споделуваа ретро фотографии и видеа од спортски и културни збиднувања. Дури и на телевизиските екрани можеше да се видат постари видеоматеријали од разни настани. Тогаш дојдов до идеја – на едно место да се постават видеоматеријали од македонската фудбалска репрезентација. Најпрво проверив дали такво нешто веќе постои на Youtube и уште истиот ден се зафатив со работа. Почнав со тоа што го имав на раполагање од соодветен видеоматеријал, но недостасуваа уште многу натпревари. Голем дел од видеоматеријалите ги купував и ги менував со колекционери од сите континенти. При размена на материјалите доаѓав и до други натпревари од младата репрезентација, клупски натпревари од македонски клубови во европските наптреварувања и слично. Како што се собираше материјалот, на Youtube каналот ‘се прошири асортиманот’ со натпревари од У21 репрезентацијата, женската репрезентација и останати возрасни категории. Исто така, во 2023 година го отворив и Youtube каналот посветен на македонскиот клупски фудбал“, вели Гоце Михајлоски за своето хоби.
Од она што може да се види на Youtube каналот „Македонска Фудбалска Репрезентација“, објавени се вкупно 715 видеа, додека на каналот за македонскиот клупски фудбал – „Македонски Фудбал“, има објавено точно 500 видеа. Сепак, Гоце сега има нов предизвик – да го најде видеото од мечот против Естонија, одигран во Скопје во 1994 година.
„Се сеќавам, голем предизвик да се добијат ми беа видеоматеријалите од пријателските натпревари со Бугарија од 2001, Естонија од 2004 и Албанија од 1994. Недостасуваат уште девет видеа од сениорската репрезентација. Сите тие се официјални пријателски натпревари, од кои најважен ми е тој против Естонија од 1994 година, натпревар кој е емитуван и на националната телевизија. Од клупските натпревари, во интензивна потрага сум по финалето на Купот на Македонија од 1994 година помеѓу Пелистер и Силекс“, додава Михајловски.
Хобито кое го има Михајлоски веројатно нема име во македонскиот речник, но и самиот истакнува дека е задоволен од постигнатото. Сепак, повозрасните преку овие видеа се потсетија на некои минати времиња, а помладите научија нешто за историјата на фудбалската репрезентација на Македонија.
„Кога ќе сумирам од изминатите пет и пол години, колку што се занимавам со ова хоби, многу сум задоволен од она што го постигнав. Покрај тоа што успеав да направам вистинска фудбалска видеоархива, дополнета со интересни факти и податоци, запознав и еден куп луѓе, како фудбалери, тренери, сниматели, спортски новинари. Со некои од нив станавме и добри пријатели, дури и секојдневно комуницираме. Тоа е она што ме исполнува и тоа што ми претставува најголема награда за вложениот труд“, задоволно вели Михајлоски.
Гоце не само што ги собира и архивира видеата од фудбалските натпревари, туку и често ги посетува македонските стадиони, а негови фаворити се две екипи кои имаат голема традиција во македонскиот фудбал.
„Барем еднаш неделно знам да проследам натпревар од македонските лиги. Од клубовите навивам за кичевски Напредок и ФК Скопје (често го следам на ‘Железарница’), а од европските клубови навивам за Манчестер јунајтед. Пишувам текстови за младата и женската репрезентација, па и нив често ги следам во живо кога играат во Скопје“, вели Михајловски.
Нашиот соговорник ветува дека нема да застане тука, не само што ќе ги „лови“ видеата од минатото кои недостасуваат, туку и постојано креира нови од актуелните натпревари.
„Ќе продолжам и понатаму со мисијата за одржување на Youtube македонската фудбалска архива. Се надевам дека македонскиот фудбал уште ќе напредува и ќе ни донесе нови радости и успеси, а сето тоа ќе биде забележано во архивата. Бидејќи, како што рекол Меша Селимовиќ, она што не е запишано/зачувано и не постои, било па поминало“, со оваа порака го завршивме разговорот со Гоце Михајлоски.
Во продолжение може да го погледнете Хуманитарниот тикет кој го составивме заедно со Гоце Михајловски. Доколку тикетот биде добитен, средствата ќе бидат донирани онаму каде што ќе бидат најпотребни.


