На Кремонезе не му оди во Серија А, каде што е последен на табелата само со осум освоени бода и нема победа, но затоа прави чуда во Купот, каде што како гостин елиминира два големи фаворита за трофејот.
По победата во осминафиналето над Наполи од 2:3, фудбалерите на Кремонезе вечерва приредија уште едно големо изненадување, ја елиминираа Рома триумфирајќи со 1:2 исто така на гости и по вторпат во клупската историја ќе играат во полуфиналето во Купот на Италија.
Изненадувањето на „Олимпико“ го најави Сирил Десерс со голот од пенал во 28-мата минута.
Откако виде дека нема шега со Кремонезе, кој не знае што е победа во Серија А, тренерот на Рома, Жозе Мурињо, на стартот од второто полувреме во игра ги внесе Дибала, Смолинг и Матиќ, но и тоа не му помогна.
Зеки Челик во 49-тата минута си постигна автогол и ги шокира навивачите на Римската волчица. Фудбалерите на Рома иако напаѓаа, до крајот на средбата успеаја да постигнат само почесен гол, и тоа во четвртата минута од судиското продолжение преку Андреа Белоти.
Кремонезе во полуфиналето на Купот на Италија ќе игра против Фиорентина, која со 2:1 го совлада Торино. Првиот натпревар ќе се игра на 5 април, а реваншот на 26.