Оклахома ги израдува своите навивачи со победата над Далас од 106:101, во мечот кој официјално беше последен во НБА лигата за 2019 година. Далас беше без Кристапс Порзингис и Тим Хардавеј, а кај Оклахома се врати Данило Галинари кој впрочем со 20 поени беше најефикасен кај победничкиот тим.
Далас може да жали што не победи, бидејќи гостите во поголемиот дел од мечот беа во водство. На 2,42 минути до крајот Далас водеше со 99:92, а Маверикс имаше предност и од 101:98, на 82 секунди до крајот. Сепак, кога беше најпотребно, кај Оклахома се разигра Крис Пол. Во моментите кога Оклахома ја достигнуваше предноста на гстите, Пол даде 13 од последните 14 поени, па домаќините поведоа со 102:101 на 40 секунди до крајот.
Кај гостите најпрецизен беше Лука Дончиќ со 35 поени, но Словенецот ги промаши сите шутеви во завршницата. Дончиќ прво направи „бунар“ при водство на Далас од 101:100, потоа загуби една топка, а во последниот напад за гостите два пати промаши удар за три поени за потенцијално израмнување на неколку секунди до крајот при водство на противникиот од 104:101.
Во останатите мечеви кои се одиграа во последната ноќ од 2019 година: Хјустон – Денвер 130:104, Сан Антонио – Голден Стејт 117:113, Торонто – Кливленд 117:97, Сакраменто – ЛА Клиперс 87:115, Шарлот – Бостон 92:109 и Индијана – Филаделфија 115:97.