Манчестер сити ја продолжува трката за титулата во Премиер лигата, откако убедливо со 4:2 славеше на гостински терен кај Кристал Палас. Со овие три бода Сити стигна до 70 бодови, колку што има и лидерот Ливерпул, а Црвените од „Енфилд роуд“ утре ќе играат против Манчестер јунајтед. Арсенал е третиот тим во оваа битка и има 68 бодови, а Топчиите вечерва гостуваат кај Брајтон.
Денешниот меч во Лондон започна како што можеше да посака Кристал Палас затоа што домаќините поведоа со 1:0 уште во третата минута. Сепак, кратко траеше оваа предност на домаќините, затоа што Кевин де Брујне во 13 минута израмни на 1:1.
Со овој резултат се замина на полувреме, а актуелниот англиски првак во второто полувреме заигра многу подобро и тоа резултираше со три погодоци во мрежата на домаќините. Рико Луис погоди по само две минути во вториот дел, а потоа следуваа голови и на Ерлинг Халанд и Де Брујне за 4:1 во 70 минута.
До крајот на дуелот, Кристал Палас намали на 2:4 за пристоен пораз во дуел со фаворитот.