Само плејмејкерот Ненад Димитријевиќ отсуствуваше на првиот тренинг на македонската кошаркарска репрезентација. Неговиот клуб Хувентуд не е расположен да го пушти пред оние законски 72 часа пред првиот натпревар, но во „Борис Трајковски“ се појавија неколку нови имиња во однос на составот кој играше во претходните циклуси.
Тука се младите Андреј Јакимовски и Марко Миловановиќ, но и повратникот Кристијан Николов, кој откако зеде турско државјанство, немаше право да игра за родната земја, но сега повторно е во црвено-жолтиот дрес.
„По 6-7 години сум назад во репрезентацијата и чувството е одлично, се вратив каде што припаѓам. Се надевам дека ќе биде добро и ќе се пласираме на Евробаскетот. Ниту еден меч нема да биде лесен. И со Естонија ќе ни биде тешко, брзи се, но мислам дека имаме поквалитетен состав. Знам дека сите ќе дадеме максимум. Подмладувањето ќе донесе и тешки денови, но ќе работиме напорно и ќе се вратиме на европската сцена. Секој со секого се знае во тимот, генерациски сме блиски, имаме супер комуникација, другари сме, нема да има проблем“, вели бекот на МЗТ Скопје Аеродром.
Еден од кошаркарите кои знаат како е да се игра против Естонија во „Борис Трајковски“ е Стојан Ѓуроски. Крилото кое може да помогне и на позицијата крилен центар, ги знае можностите на првиот противник, но верува дека домашниот терен е нашата голема предност.
„Мислам дека е клучен овој прв натпревар, Естонија ни е директен конкурент за место на ЕП. Имаме поразлична репрезентација од пред три години, тие играат брзо со пониски играчи, а ние имаме интересна селекција која би ја споредил на онаа што ја водеше Александар Џикиќ. Има неколку млади, свежата крв ќе помогне и мислам дека домашниот терен и навивачите се нашата предност“, вели Ѓуроски.