Мираилдес Мота, или попозната како Формига, испиша историја во денешната победа на Бразил против Јамајка со 3-0 во првото коло од групната фаза на Светското првенство за жени. Формига стана најстара фудбалерка која настапила на женскиот Мундијал со 41 години и 98 дена, а воедно го урна рекордот на американската легенда Кристи Рампон (40 години и 12 дена).
Нејзиниот историски настап го разубави Кристијане, која ги постигна сите три погодоци за Бразил против селекцијата на Јамајка. Бразилките можеа и до поубедлива победа, но Андреса промаши пенал во првиот дел.
Бразил во следното коло ќе се соочи со Австралија, меч во кој со победа ќе го осигураат учеството во нокаут фазата, а воедно Формига ќе може да го зголеми својот рекорд.