Кристијано Роналдо потврди дека Светското првенство во 2026 година ќе му биде последно во неговата професионална кариера, а спомна и кога би можело да се повлече од активното играње.
„Во февруари ќе наполнам 41 година, СП во САД, Канада и Мексико ќе ми биде последно. Уживам во моментот, постигнувам голови, се чувствувам брзо и остро“, рече Роналдо на туристички форум во Саудиска Арабија.
Претходно, во интервју со Пирс Морган, Португалецот рече дека „наскоро“ ќе ја заврши својата играчка кариера, но не даде конкретен временски рок.
„Да бидеме искрени, наскоро ќе треба да се повлечам. Под наскоро подразбирам период веројатно од една или две години“, истакна човекот кој досега има дадено 950 гола на официјални мечеви и веројатно целта му е прв да дојде до бројка од 1.000.

