Секојдневно се проширува листата на потенцијални купувачи на Кристијано Роналдо, откако се појави информација дека Португалецот не е среќен со пасивноста на Манчестер јунајтед.
Иако Роналдо сакаше да остане во Јунајтед, дури и по цена да игра во Лига Европа, сепак изгледа се премислува, па до неговиот агент стигнуваат разни понуди. Се зборуваше за интерес од Баерн Минхен, но тоа е демантирано, Рома на Мурињо е на листа на чекање, вчера актуелен беше Челзи, а утрово излезе вест дека Спортинг Лисабон го сака „своето дете“.
Роналдо кариерата ја почна во Спортинг, неговата мајка би била најсреќна ако 37-годишниот Кристијано повторно го облече дресот на лисабонските Зелено-бели, и таму каде што ја почна, да ја заврши кариерата.
„Во Спортинг знаат дека Роналдо сака да освојува трофеи. Во моментов тоа изгледа многу тешко во Манчестер јунајтед, а времето на Роналдо тече” – вели извор близок до Роналдо за англиските медиуми.