Со четирите погодоци на гостувањето кај Литванија, Португалецот Кристијано Роналдо дојде до бројка од 93 гола во дресот на националниот тим, со што урна два европски рекорди.
Ѕвездата на Јувентус е првиот играч во историјата кој дал голови против 40 различни репрезентации (на списокот ја нема Македонија) и стана првиот од Европа кој ја надмина границата од 90 голови. Втор на европската листа е славниот Ференц Пушкаш со 84.
Светскиот рекорд по број на голови за репрезентација го држи Иранецот Али Даеи. Тој даде 109 гола за Иран, а Кристијано сега има 93 и му фалат 16 за да се изедначи со иранската легенда. Лионел Меси за Аргентина има дадено 68 гола и никогаш не дал четири гола на еден интернационален меч. Али Даеи пет пати во кариерата за Иран даваше по четири гола, а Роналдо синоќа по вторпат успеа да го оствари тоа во дресот на Португалија.
Освен што е најефикасен активен фудбалер, Роналдо исто така е и добар асистент. Тој за Португалија освен 93-те голови, има и 37 асистенции.