Репрезентацијата на Португалија во четврток го започнува настапот во Лигата на нациите на УЕФА, а противници во септемврискиот прозорец ќе ѝ бидат селекциите на Хрватска и Шкотска. Кристијано Роналдо повторно се најде на списокот со повикани фудбалери, а иако за четири месеци ќе полни 40 години, не размислува за репрезентативна пауза и очекува да биде стартер против Коцкестите.
„Во мојата глава јас секогаш сум стартер. Тоа ќе го мислам до крајот на мојата кариера. Вашето мислење може да биде различно. Ги почитував одлуките на сите тренери и во сите клубови. Можеби еднаш или двапати не се согласував бидејќи лошо се однесуваа кон мене. Кога играчот нема работна етика, а тој игра, тогаш тоа е спорно. Кај мене тоа не е случај. Чувствувам дека ѝ давам додатна вредност на оваа екипа, а тоа го потврдуваат и зборовите на тренерот“, рече Кристијано Роналдо во пресрет на дуелот против Хрватска.