Кристијано Роналдо повторно беше прогласен за најдобар фудбалер на Блискиот Исток, а Португалецот веќе дојде и до бројка од 956 гола во кариерата. Веќе на сите им е јасно дека целта е да постигне 1.000 гола, а тоа го потврди и самиот.
„Не е лесно, но јас сум многу мотивиран и полн со страст. Не е важно каде играм, дали во Европа или на Блискиот Исток. Секогаш уживам во фудбалот и сакам уште да играм. Знаете кои се моите цели: да освојувам трофеи и да дојдам до 1.000 гола. Ако нема повреди, сигурно ќе дојдам до бројката од 1.000 гола“, рече Кристијано Роналдо.
Португалецот од 2023 година е член на Ал-Наср од Саудиска Арабија, а неодамна го продолжи договорот до 2027 година. Кристијано Роналдо летово ќе игра и на Светското првенство во САД, Канада и Мексико со селекцијата на Португалија.

