Кристијано Роналдо доби позитивни вести од Светската фудбалска федерација (ФИФА) откако дисциплинската комисија го суспендира капитенот на португалската репрезентација само на еден меч.
Роналдо, кој со 226 меча е рекордер по бројот на настапи за репрезентацијата, а има и рекордни 143 голови, го заработи првиот црвен картон на дуелот против Република Ирска на гости откако неспортски, без посед на топка, со лакт го удри противничкиот играч О’Шеј.
По прегледување на ВАР-снимката, главниот судија му додели директен црвен картон на Роналдо, па капитенот на Португалија го пропушти последниот меч од квалификациите во кој неговата репрезентација убедливо со 9:1 ја победи Ерменија и го визира местото на завршницата на Светското првенство кое следната година ќе се игра во САД, Канада и Мексико.
Најавите дека Роналдо може да добие барем два меча суспензија бидејќи се работеше за удар на противник, и тоа без посед на топка. Тоа ќе значеше дека Роналдо ќе беше суспендиран за настап на првиот меч од групната фаза од Мундијалот, но ФИФА реши да не биде толку строга кон еден од најдобрите фудбалери на сите времиња и да му дозволи уште од почетокот на планетарниот турнир да биде во составот на Португалија.

