Членот на легендарниот тим на ЛА лејкерс, Мајкл Купер, се најде на насловните страници на светските медиуми поради острите зборови упатени кон словенечката НБА-ѕвезда Лука Дончиќ. Купер смета дека Словенецот е премногу бавен и воопшто не игра одбрана.
„Да, тој има трипл-дабл скоро на секој натпревар, но е премногу бавен. Лесно постигнува поени, но е мрзелив и не игра одбрана. Вакви играчи не би играле во мојот тим“, изјави Купер за време на гостувањето на еден поткаст.
Со своите 25 години, Дончиќ се етаблира како еден од најдобрите играчи во НБА-лигата. Петпати е избран во Олстар-тимот, а минатата сезона заедно со Кајри Ирвинг ги водеше Далас маверикс до финалето.
Во својата НБА-кариера има импресивен просек од 28,7 поени, 8,7 скокови и 8,3 асистенции по натпревар. Сепак, има и жестоки критичари.
Купер беше познат како дефанзивен специјалист во составот на ЛА лејкерс, кој доминираше во лигата. Тој во 1987 беше прогласен за најдобар одбранбен играч на годината.