Не ни треба Џеф Безос од „Амазон“, ние веќе им ја испорачавме титулата на соседите од Манчестер. Вака дел од навивачите на Манчестер јунајтед реагираат на очигледната криза кај „црвените ѓаволи“ и на најавата дека е можно семејството Глејзер да му го продаде мнозинскиот пакет акции на основачот на најголемиот интернет сајт за продажба.
На мета на симпатизерите на Јунајтед, тим кој има 7 порази на последните 9 мечеви е потпретседателот Ед Вудворд. Од 2013 година кога е поставен на таа функција сите фудбалски решенија и купопродажби на играчи се со негов потпис, или сугестија, а пост-Фергусон ерата не му носи успеси на еден од најреномираните клубови во Европа.
„Човекот е гение за маркетинг, но нема допирни точки со фудбалот“, реагираат симпатизерите на Јунајтед. Веќе и не се толку воодушевени од поставувањето на Оле Гунар Солскјер на тренерската позиција.
Солскјер-манијата полека стивнува, а седум порази на девет меча е најлошиот биланс на клубот од октомври 1962 година.
Клубот со рекордни 20 титули во Англија моментно има и серија од 12 меча со примен гол, што е најлоша низа од август 1971 година.
Евентуален неуспех против Челси во дербито на 36. коло што ќе се игра утре сигурно ќе ги затвори портите за Јунајтед во Лигата на шампионите, што ќе биде рамно на дебакл за клубот од „Олд Трафорд“.