Капитенот на репрезентацијата на Шпанија, Алваро Мората, се закани дека ќе го напушти националниот тим поради „бесмислените критики“ кои се слушаат во јавноста. Мората реши да го крене гласот, и тоа непосредно пред полуфиналето на ЕП против Франција.
„Ова е можеби мојот последен турнир за Шпанија. Тоа е нешто за кое не зборам премногу, но многу веројатно е дека ќе биде така. Кога сум во шпанскиот состав, тешко ми е да бидам среќен, а вистината е дека сум многу посреќен кога сум надвор од националниот тим. Тоа е така затоа што на друго место луѓето ме почитуваат“, вели Мората.
Искусниот 31-годишен напаѓач веќе 10 години е дел од репрезентацијата на Шпанија и досега одигра 78 меча, а има постигнато 36 голови.