Реал Мадрид се наоѓа на работ на криза. Тимот веќе недели наназад „оди по жица“, но сега тоа го прави без каква било заштитна мрежа која би ги ублажила падовите во формата и хаотичната атмосфера во тимот, кој сè повеќе делува изгубено. Во вторникот, во соблекувалната на Валдебебас, се одржал нов состанок, уште еден обид да се разбуди екипата која го загубила компасот, со речиси истите учесници, цели и причини, откриваат шпанските медиуми.
Она што не успеа Карло Анчелоти на крајот од неговиот мандат, сега не успева да го направи ни Алваро Арбелоа. Тој се соочува со својот конечен испит, но проблемот е што првичниот позитивен шок од неговото доаѓање изгледа веќе исчезна. Околните услови една година подоцна се многу слични, бројни повреди, индивидуални интереси на играчите и пораки од тренерот кои не допираат до соблекувалната, каде што се гледаат сѐ повеќе пукнатини предизвикани од лични амбиции.
Додека Килијан Мбапе и Џуд Белингам се борат со физички проблеми и повреди, останатите играчи се погледнаа едни со други во очи, обидувајќи се да најдат мотивација и чувство на единство. Сè укажува дека тимот е изгубен, но, пред сè, целосно одвоен од своите навивачи, кои не ја криеја разочараноста.
Натпреварите против Селта и Манчестер сити се последните шанси за Реал Мадрид да ја избегне катастрофалната сезона. Напорот што Арбелоа го бара од играчите не изгледа доволен, а се чини дека ниту тренерот ниту фудбалерите не веруваат во сопствените способности. Состанокот бил напнат, а Арбелоа се обидел да ја мотивира групата.
Тимот сега се наоѓа пред критичен момент, секој следен натпревар ќе покаже дали Реал Мадрид ќе успее да се врати или ќе ја заврши сезоната како бледа сенка на самиот себе.

