Тони Крос, еден од најдобрите играчи на средината на теренот во историјата, летово ја заврши својата играчка кариера со настап на Европското првенство. За време на својата кариера, Крос ги носеше дресовите на Баерн Минхен и на Реал Мадрид, со кои освои дури шест титули европски клупски шампион. Со германската репрезентација, најголемиот успех го постигна пред десет години во Бразил, кога стана светски шампион.
Крос сега беше гостин во германскиот подкаст “Einfach mal Luppen” заедно со својот брат Феликс, исто така поранешен фудбалер. Во разговорот, тие се осврнаа на многу актуелни теми, вклучувајќи ја и Бундеслигата, каде што Баер Леверкузен минатата сезона го освои шампионатот без пораз и ја прекина 11-годишната доминација на Баерн Минхен.
Баер Леверкузен го освои и Купот, а во целата сезона загуби само еден натпревар, финалето на Лига Европа против Аталанта.
Крос предвидува дека тимот на Чаби Алонсо ќе ја одбрани титулата, додека Баерн Минхен не го гледа ниту како вицешампион. Според него, Борусија Дортмунд ќе го освои второто место, додека Баерн ќе заврши на третата позиција.
Крос исто така предвидува дека Реал Мадрид ќе го одбрани насловот во Шпанија, со Атлетико Мадрид на второто место, пред Барселона.