Круз Хјуит, синот на легендарниот Лејтон Хјуит, веќе на големо тргна по стапките на татко му и му предвидуваат блескава тениска кариера.
Дванаесетгодиншниот Круз е повикан во сениорската репрезентација на Австралија за Дејвис купот, каде што со останатите тенисери ќе се подготвува во Италија, Хрватска и Австрија за активностите наредната година.
Тој ќе биде спаринг-партнер на првиот тим на оваа селекција, со што ќе има можност да учи од врвни тенисери.
Круз има добра подлога од каде да почне, а во својата досегашна кариера го има освоено Отвореното првенство на Австралија, секако во младинска конкуренција.
Неговиот татко во првата декада од 21 век беше еден од најдобрите и најхаризматичните тенисери, притоа освојувајќи две гренслем-титули во Вимблдон (2002) и на Отвореното првенство на САД во 2001 година.