Хрватската кошаркарска легенда Тони Кукоч во интервју за грчкиот „Спорт 24“ говореше за времињата кога беше клучен дел од две династии со кои освои по три титули во Евролигата (Југопластика) и НБА (Чикаго булс).
Во Биковите од Чикаго, Кукоч беше соиграч со Мајкл Џордан, кој за многумина е најдобар кошаркар во историјата, но и со контроверзниот и ексцентричен Денис Родман, кој беше мајстор за скандали и собирање скокови под обрачите.
„Родман би имал проблеми да играше во Европа и да ги имаше тренерите и селекторите кои мене ме тренираа. Ги сакам сите тренери, знам колку беа добри, мислам на Маљковиќ, Павличевиќ, Ивковиќ, Сканси и Пешиќ. Се знаеше кој што смее да направи. Сакаа да ни бидат пријатели, но ставот им беше логичен: Јас сум тренер и сите мора да ме слушаат. Кај Фил Џексон ми се допаѓаше што покрај тоа што има знаење, има и посебна способност да ви влезе во душата и да ве разбере како човек и личност. Можеше да види што имате внатре во телото, што сакаш, колку издржуваш и кои ти се ограничувањата. Малку се луѓе со таква дарба“, вели Кукоч.