Култен стадион се повлече од организацијата на Мундијалот

Култниот шпански стадион „Ријазор“, на кој домашните натпревари ги игра Депортиво Ла Коруња, се повлече од организацијата на Светското првенство 2030.

Мундијалот во 2030 година ќе се одржи во рекордни шест земји. Главни домаќини ќе бидат Шпанија, Португалија и Мароко, но по повод 100-годишнината од Светското првенство, по еден натпревар ќе се одигра и во Аргентина, Уругвај и Парагвај.

Стадионот „Ријазор“, дом на Депортиво Ла Коруња, каде што во минатото играла и репрезентацијата на Шпанија, првично беше планиран како еден од домаќините на турнирот.

Сепак, организаторите се откажаа од таа идеја бидејќи не можат навреме да го подготват стадионот. Главниот проблем е недостатокот на финансиски средства за зголемување на капацитетот од 32.000 на 40.000 места, што е минималниот услов на ФИФА за стадион домаќин.

Депортиво не игра во Ла Лига од 2018 година, а дури падна и до третата лига, пред повторно да избори пласман во Сегунда во 2024 година.

Во понеделник наутро Покраинскиот совет и Градскиот совет издадоа заедничко соопштение во кое ја потврдија својата посветеност на плановите за модернизација на стадионот „Ријазор“.

Сепак, како дел од таа одлука, стадионот ќе се откаже од правото да биде домаќин на натпревари од Светското првенство 2030.

Градоначалничката на Ла Коруња, Инес Реј, изјави дека иако градот сака да биде домаќин на мундијалски натпревари, тоа не може да се направи „по секоја цена“.

- Оглас -

Најнови вести