Култниот британски рок бенд „Оејзис“ синоќа го одржа својот прв концерт по 16 години пауза, а спектаклот во Кардиф беше дополнително обележан со емотивна почит за трагично загинатиот фудбалер на Ливерпул, Диого Жота, кој почина во сообраќајна несреќа во четвртокот.
Познатиот бенд, формиран во 1991 година, се распадна во 2009 поради несогласувањата меѓу браќата Ноел и Лиам Галагер. Сепак, нивното обединување за повратнички концерт на распродадениот стадион во Кардиф собра 75.000 обожаватели и предизвика вистинска еуфорија.
На репертоарот се најдоа вкупно 23 песни, меѓу кои и најголемите хитови на групата. Кон крајот на изведбата на легендарната „Live Forever“, на видео-бимот се појави фотографија од Диого Жота, што предизвика бурна и емотивна реакција кај публиката. Илјадници аплаузи и солзи ги исполнија трибините во трогателен момент што долго ќе се памети.
Вечерва „Оејзис“ ќе настапат повторно на истиот стадион во Кардиф, а и овој концерт е целосно распродаден. Повратничката турнеја продолжува низ Велика Британија, Ирска, САД, Азија и Австралија, со вкупно 41 настап закажан до крајот на годината.