Хрватскиот кошаркарски гигант Цибона конечно ќе добие можност да „живне“ и да се врати на старите победнички патеки. Клубот ќе биде трансформиран во акционерско друштво, а потоа ќе добие и сопственик.
На седницата на Собранието на Град Загреб следната недела ќе се најде одлука за преобликување на КК Цибона од спортско здружение во спортско акционерско друштво, пренесува хрватските медиуми.
„Одлуката доаѓа како резултат на долгогодишните напори на градската управа да се зачува Цибона како дел од загрепскиот идентитет, на начин што ќе овозможи одржлив опстанок на клубот врз транспарентни основи и без долгови, откако досегашниот модел на функционирање како здружение на граѓани доведе до неизвесност и акумулирани загуби“, порачаа челниците на Загреб.
Ова би значело дека Цибона, по години турбуленции и финансиска криза, ќе стане финансиски стабилен клуб. Се очекува да добие нов сопственик, Виктор Додиг, канадски Хрват и истакнат банкар со влијание во глобалниот финансиски сектор.
„Драго ми е што идните сопственици на КК Цибона го препознаа нејзиното значење како легендарен загрепски клуб и решија да инвестираат во иднината на загрепската и хрватската кошарка. Во процесот на преобликување учествуваме како знак на нашата поддршка за Цибона и за професионално управување со спортските клубови. Град Загреб нема да учествува во управувањето со клубот бидејќи политиката на оваа градска управа е деполитизација на управувањето со спортските клубови, но ќе остане сигурен партнер за сите кои транспарентно работат во корист на загрепскиот и хрватскиот спорт“, изјави градоначалникот Томислав Томашевиќ.
Како што пренесуваат медиумите во Хрватска, градот нема да преземе мнозинско сопствеништво, ниту директно управување со клубот, но, меѓу другото, ќе ја поддржи Цибона преку правото на играње и користење на салата „Дражен Петровиќ“, која е во сопственост на градот.
Доколку градското собрание ја донесе оваа одлука, ќе следи регистрација пред надлежниот суд, со претходно одобрување од националната комисија за преобликување, како и согласност од министерот за спорт.

