Дејан Кулушевски со гол и три асистенции сезонава е најкорисниот млад европски напаѓач од неговата генерација (роден е 2000 година), добива многубројни пофалби за изданијата во дресот на Парма, а како што вели, најголем критичар му е сестрата Сандра, на која ѝ благодари за тоа бидејќи го тера да стане подобар и да не се релаксира.
Кулушевски, чиј татко е од Охрид, иако пред три години настапи за кадетската селекција на Македонија, потоа реши да игра за Шведска.
Лани беше во Аталанта, дебито за првиот тим го имаше на 20 јануари, а бидејќи му најавија дека ќе настапи и претходно на 26 декември против Јувентус, за Божик не замина во Шведска кај мајка му и сестра му, на кои им го посвети голот против Торино.
Талентот на Кулушевски бил откриен од сосед, и тоа во парк, каде што Дејан играл фудбал со други деца. И сестра му, која е четири години постара, играла фудбал и таа многу му помагала на почетоците. Од Бромапојкарна, се пресели во Аталанта. Одбил понуда од Арсенал, а од Бергамо замина во Парма, каде што е сега, и стана најмладиот стрелец во Серија А сезонава.
Нема проблем со адаптацијата, уште помалку со комуникацијата, Дејан зборува пет јазици (македонски, шведски, англиски, италијански и германски). Еден од идолите му е Роналдињо, па затоа кога ги фалат по италијанските медиуми, не велат Ибрахимовиќ од Парма, туку Шведскиот Роналдињо.