Тренерот на Барселона, Роналд Куман го критикуваше актуелниот вршител на должноста претседател на клубот, Карлес Тускетс, за изјавите поврзани со заминувањето на Лионел Меси. Тускетс јавно изјави дека од финансиски аспект ќе било многу подобро Лионел Меси да бил продаден во летниот преоден рок, кога Аргентинецот бараше да си оди.
„Сите ја знаеме ситуацијата на Меси и ако некој треба да одлучува за иднината тоа е само Лео. Коментарите кои ги слушам надвор од клубот не ме интересираат, но кога некој коментира во клубот, тоа ни создава непотребен немир“, рече Куман.
По оваа критика на Куман, веднаш со изјава се јави и привремениот претседател Тускетс, кој се правдаше дека не рекол дека сака Меси да биде продаден.
„Не реков дека јас би го продал Меси, само дека тоа би било добар избор за финансиската ситуација во клубот. Би било добро затоа што тој има најголема плата од сите фудбалери во клубот. Но, јас не сум фактор кој одлучува, Меси е тој кој самиот ќе си донесе одлука. Ако е потребно ќе разговарам и со Куман и ќе му објаснам дека погрешно ме разбрал. Меси на теренот е одличен, но клубот не зависи само од еден фудбалер“, објаснува Тускетс.
Меси бараше да си замине од Барселона пред почетокот на сезоната, но челниците на клубот не го пуштија затоа што бараа неверојатни 700 милиони евра оштета за неговото заминување. Актуелниот договор на Аргентинецот со Барселона истекува на крајот од сезонава и доколку не ја продолжи соработката со гигантот од „Камп Ноу“, веќе во јуни ќе може да си замине без ниту едно евро оштета.