Барселона синоќа во драматичен меч со 5:3 ја победи Гранада и се пласира во полуфиналето од Купот на Шпанија, а тренерот Роналд Куман беше лут и коментираше за сосема друга ситуација. Холандскиот стратег се фокусираше на постојаните изјави и најави дека Меси е подготвен да си замине од Барселона и да се пресели во Пари Сен Жермен.
Прв кој го коментираше евентуалното доаѓање на Меси во ПСЖ, беше поранешниот негов соиграч Нејмар. Бразилецот изјави дека би му било чест повторно да игра со Меси, но во ПСЖ. Потоа и Анхел ди Марија, кој е соиграч на Меси во репрезентативниот дрес, потенцираше дека би било убаво да игра повторно со Лео на теренот на клупски план.
Ваквите изјави го налутија Куман, кој вели дека тоа е за создавање тензии пред мечот од осминафиналето во ЛШ, каде што ќе играат токму Барселона и ПСЖ.
„За мене ова е непочитување. Не е убаво што толку многу луѓе од ПСЖ зборуваат за фудбалер кој уште е под договор со Барселона. Вака само создаваат тензии пред мечот во ЛШ, а тоа не смее да се прави“, рече лутиот Куман.